Лига на нациите: Англија победи кај Ирска, Грузија убедлива против Чешка

Фудбалерите на Англија оваа сезона играат во квалитетно второрангираната Лига Б од Лигата на нациите на УЕФА, а во првиот меч актуелните европски вицешампиони славеа против Ирска во Даблин со 2:0.

Ова беше првиот англиски натпревар без Герет Саутгејт на клупата, а привремена работа доби Ирецот Ли Карсли, поранешниот селектор на селекцијата на Англија до 21 година.

Англија поведе во 11. минута кога Деклан Рајс од десетина метри прецизно и силно погоди под пречката. Рајс не го прослави голот бидејќи на почетокот на кариерата настапуваше за сите помлади репрезентативни возрасти на Ирска, а пред да заигра за Англија забележа три настапа за сениорската селекција на Ирска.

Само неколку минути подоцна Кејн можеше да круниса добар англиски контранапад со гол за 2:0, но одлично реагираше домашниот голман Келехер, кој беше еден од најдобрите поединци на овој меч. Во 26. минута Англичаните ја зголемија предноста, а повторно за Ирците беше кобен фудбалер кој како млад играше во помладите возрасни групи на нивната репрезентација. Тоа е Џек Грилиш, кој со гол ја заврши прецизната и брза акција на својот тим. Грилиш, пак, страсно го прослави постигнатиот гол.

На почетокот на вториот дел, Ирска притисна и се обиде да се врати во игра. Не успеа во тоа, а најопасен ирски играч беше Шмодикс. Потоа играта се смири, а Англија рутински ја задржа предноста и ја забележа првата победа во Лигата Б.

Во оваа група 2 подоцна ќе играат Грција и Финска, додека во групата 1 Грузија на домашен терен со убедливи 4:1 ја совлада Чешка. Грузијците поведоа во 33. минута кога Кварацкелија погоди од пенал. Натпреварот беше решен во само четиринаесет минути од вториот дел. Од 53. до 66. минута Грузијците постигнаа три гола, а стрелци беа Чакветадзе, Микаутадзе и Кочорашвили.

До крајот на натпреварот Чешка успеа да постигне почесен гол, а стрелец беше Калвач во 81. минута. Подоцна во сабота навечер во оваа група ќе играат Украина и Албанија.

Во Лигата Ц, во која настапува Македонија и претходно во саботата само ремизираше со 1:1 кај Фарски Острови, Ерменија на домашен терен убедливо ја совлада Летонија со 4:1.