Лига на нациите: Мбапе ги спаси Французите, Хрватска ја изненади Данска

Ernst Happel stadium in Vienna, Austria on June 10, 2022. (Photo by Joe Klamar / AFP)

Фудбалските селекции на Австрија и Франција одиграа натпревар без победник 1:1 во 3-ти коло од Групата 1 од Лигата А на Лигата на нациите на УЕФА, а во истата група Хрватска со 1:0 во Копенхаген ја победи домашната Данска.

Австријците до водечкиот погодок во Виена дојдоа во 37 минута, кога изведоа полуконтра откако на средината од теренот топката ја загуби Антоан Гризман. Шлагер ја започна акцијата, додаде до Арнаутовиќ кој ја проследи до Лајмер а овој ја нафрли за Вејман, а напаѓачот на Бристол Сити од пет метри го совлада Уго Љорис.

Французите во продолжението повеќе ја имаа топката во нозете, создаваа шанси но сѐ до 83 минута не успеаја да го совладаат Патрик Пенц. Џокерот на Дидие Дешан од клупата на овој меч, Килиан Мбапе, беше играчот кој на крајот успеа да ја затресе австриската мрежа откако беше проигран од Нкунку.

Истовремено Хрватска на копенхашкиот „Паркен стадион“ победи со голот на Марио Пашалиќ во 69 минута, по проигрување на Марсело Брозовиќ. Стрелецот подготвено ја пречека топката упатена во висина на домашниот петерец и со лизгачки старт ја проследи низ нозете на данскиот голман Каспер Шмајкл.

Данска беше подобра и поопасна во првото полувреме, но единствениот шут во рамките на голот, кој во 40 минута го упати Андреас Корнелиус, но Доминик Ливаковиќ одлично одбрани.

Во вториот дел за Хрватска заиграа и Лука Модриќ и Матео Ковачиќ, што целосно ја промени играта на гостите, кои го преземаа поседот на топката и беа поопасни пред противничкиот гол. Данците во 86 минута израмнија, но голот беше поништен бидејќи стрелецот Јонас Винд кој бил во офсајд позиција,

И покрај поразот, Данска останува на врвот на табелата во групата со шест бодови од двете претходни победи. По четири бодови имаат вторпласираната Австрија и третата Хрватска, а Франција е последна со два бода.