Фудбалерите на Црвена ѕвезда и Штурм ги постигнаа првите победи во Лигата на шампионите оваа сезона во натпреварите од петтото коло. Белградска Ѕвезда го декласираше Штутгарт со 5:1, додека Штурм ја совлада Жирона на Бојан Миовски со 1:0.
Германскиот вицешампион поведе во Белград во петтата минута со голот на Ермедин Демировиќ. Сепак, седум минути подоцна израмни Силас кој во Ѕвезда пристигна на позајмица токму од Штутгарт.
Во 28. минута Демировиќ уште еднаш ја затресе мрежата на Иван Гутеша, но голот беше поништен поради офсајд позиција. Три минути подоцна белградскиот тим го сврте резултатот. Сеол Јанг-Ву нафрли од левата страна, одбраната на гостите реагираше лошо, а Раде Круниќ го искористи подарокот за да погоди за домаќините.
Во продолжение од натпреварот домаќинот постигна уште три гола за прва победа и големо славје.
Во 65. минута Тими Макс Елшник нафрли од корнер, а Мирко Иваниќ погоди со глава за 3-1, а четири минути подоцна Немања Радоњиќ го постигна четвртиот гол. Голема заслуга за овој гол имаше Круниќ, кој одлично извлече од работ на сопствениот шеснаесетник до центарот, а потоа ја турна топката до Радоњиќ, кој само две минути порано влезе во игра и практично од првата акција се најде меѓу стрелците. .
Конечните 5:1 ги постави Радоњиќ во 88. минута со својот втор гол на натпреварот.
Во вториот натпревар во раната вечерна програма во средата Штурм во Клагенфурт ја победи Жирона со 1-0. Решавачкиот гол го постигна Мика Бирет на асистенција на Седи Јата во 59. минута.
Штутгарт е на 27. место со четири бода, Штурм е на 29. место со три бода, исто колку и Жирона на 30. позиција, а Црвена ѕвезда на 31. место. На врвот е Интер со 13 бода.
Вечерва се среќаваат и Динамо – Борусија Дортмунд, Монако – Бенфика, Астон Вила – Јувентус, Ливерпул – Реал Мадрид, ПСВ – Шахтјор, Селтик – Клуб Бриж, и Болоња Лил.