Ликвидатор на наркобосови добил македонски пасош, сведоштво на судско рочиште во Белград

Не престануваат да излегуваат нови информации во врска со аферата во која Министерството за внатрешни работи издавало македонски пасоши на криминалци и наркобосови од регионот.

Во средата нова потврда за скандалот дојде и од судот во Белград каде што се одржа рочиште на кое исказ даваше сведок, а во врска со убиствата на нарко босовите од Црна Гора и Србија во Атина.

На 19-ти јануари 2020 година, Игор Дедовиќ и Стеван Стаматовиќ биле убиени додека со семејствата биле на вечера во ресторан во Атина. Сведокот на денешното рочиште истакна дека извесен Лаиновиќ го убил Стаматовиќ.

„Брашнијевиќ го уби Дедовиќ кој веднаш доби куршум во челото и главата му падна во чинијата“, вели сведокот Срѓан Лалиќ, пренесуваат српските медиуми.

Прашан кога Лаиновиќ преминал на територијата на Косово и како, тој одговорил дека добил лажен пасош во Македонија.

„Од Македонија илегално премина таму, а мислам дека со лажен пасош премина кој му го направија Македонци“, изјавил сведокот.