Бројките на млади кои би се отселиле од државата се аларм, посочи македонскиот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, на конференцијата „Од Словенија до Северна Македонија: Синергијата на образованието и бизнисот во Северна Македонија“, која се одржа денеска (25 септември).
Тој се повика на едно од последните истражувања на Фондацијата Вестминстер за учеството на младите во социјалниот и политичкиот живот во државата, кое покажува дека 62 отсто од младите би се отселиле доколку им се пружи шанса. Според Лимани, уште посериозно е тоа што 77 проценти не би се вратиле назад во државата доколку се отселат.
„Овие бројки, се алармот кој веќе е вклучен. Оваа состојба во која се наоѓа нашата држава е многу сериозна. И наша одговорност како Влада е да преземеме сериозни чекори веднаш, за да го смениме овој негативен тренд“, потенцира Лимани.
Помеѓу факторите кои влијаат на овие нивни одлуки, како што рече тој, се состојбите во образовниот систем, студентскиот стандард, здравството, како и можностите за вработување.
Отворањето на нови работни места за млади, преку поддршка за претприемништво и стартапи, грантови за млади претприемачи, обуки и менторски програми за развој на бизнис вештини, ги истакна како дел од главните приоритети.
„Ќе обезбедиме загарантирана понуда за работа за најдобрите студенти. Оваа мерка ќе придонесе кон намалување на невработеноста меѓу младите и да помогне во задржување на талентираните млади луѓе во земјата“, рече Лимани.
Според пресметките на државниот ревизор, од април годинава, околу 2.500 високообразовани кадри се иселуваат на годишно ниво, поради што загубите за државата се пресметуваат во стотици милиони евра.
Проценките на Светска банка, пак, покажуваат дека 40 отсто од високообразовниот кадар од Северна Македонија ја има напуштено државата.
Конференцијата на која присуствуваше Лимани беше организирана од Амбасадата на Република Словенија, Македонската студентска организација во Словенија и Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.