Откако внукот од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети се претстави пред јавноста како успешен млад бизнисмен, другиот внук на првиот човек на ДУИ, поранешен сопартиец, а сега потпретседател на „Беса“, Фатмир Лимани за „Фокус“ вели дека семејството Ахмети пред 2001 година биле сточари и земјоделци и секогаш на работ на егзистенцијата.
-Јас ги познавам, фамилија сме, кои биле, колку имале, со што се занимавале пред 2001 година и после. Биле сточари и земјоделци и секогаш на работ на егзистенција, целата фамилија Ахмети, вели Лимани за „Фокус“.
Нивното богатство, според неговите кажувања го стекнале после војната на сомнителен начин и според него сите институции да се ангажираат нема да можат да го најдат крајот на нивниот криминал.
-Искористија непотрошени фондови кои останаа после војната во 2001 година, а за кои средства не дадоа конечна информација за потрошениот фонд „Повикува родниот крај“ и „Народното ослободување“, над 5 милиони швајцарски франци, долари и тогашни марки. Ја искористија позицијата на лидерот Али Ахмети при секоја тендерска постапка во сите институции, обвинува Лимани.
Тој вели дека треба да се анализираат постапките за доделување на лиценци за хидроцентрали со капацитет од 1 мегават на Бачишка река и делот на Попова шапка, каде се учесници по други фирми.