Лина Ѓорческа со пресврт до финалето на турнирот во Рим

Македонската тенисерка Лина Ѓорческа забележа нов голем успех оваа сезона, откако в недела ќе игра ново финале на еден ИТФ фјучрс.

Ѓорческа своите одлични настапи во Рим ги круниса со меч за титулата, откако во саботното полуфинале по голема борба ја совлада хрватската тенисерка Петра Марчинко.

Македонката го контролираше првиот сет, ама имаше и лоша завршница во тој период, па Марчинко со 7-5 дојде до водство од 1-0 во сетови.

Тоа ја поттикна Ѓорческа која доминираше во продолжението и со 6-2 и 6-2 дојде до триумф кој ја носи во борба за титулата против Оксана Селехметева од Русија.

Селехметева претходно доминираше во соочувањето со Леа Бошковиќ и ја совлада со убедливи 6-0 и 6-2.