Деновиве, поради актуелноиста на ситуацијата во Турција по земјотресот се постави и прашањето дали таа земја треба да се именува според новото, променето име „Туркије“ или и понатаму останува досегашното име.
Претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, вели дека името на државата Турција останува исто на македонски јазик, иако земјата го смени името во Туркије, но за меѓународна употреба.
„Ние си имаме наша транскрипција. На пример, не велиме Финланд, туку Финска, не велиме Дојчланд, туку Германија, не велиме Шќиперија, туку Албанија. Или, на пример, кај нас не е Београд, туку Белград. Во ред би било ако се пишува од влада до влада да стои и новото име во заграда, но за наша домашна употреба останува исто – Турција, а со тоа и изведенките си остануваат исти“, вели тој.
На оваа тема преку Фејсбук статус се обрати и Елка Јачева:
Аман, луѓе!!! Турција на македонски, во македонски текстови на кирилица си е Турција.
Туркије/TÜRKIYE на латиница и во меѓународна употреба. Како сте тргнале и севернава, кај северна – па и Норт Маседониа ќе ја завикате.
П.С. Имено, на ова Туркије инсистира Турција за да се избегне англискиот назив за Турција, Тurkey, што во превод од англиски би било ,,мисирка”. Е сега, подолу ќе видите како Турција и натаму си е Мисирка на англиски, ама на македонски Турција станала Туркије.
П.С.2 И новинската агенција е Анадолија а не Анадолу. Ова У во АнадолУ е генитивна наставка, а ние на македонски, како јазик во кој нема падежи, ги цитираме имињата така како што тие во јазиците со падежи гласат во номинатив, како основна неутрална форма. Ќе се обидам да објаснам преку српскиот. На македонски велиме: улица ,,Стеван Сремац”, или улица ,,Кочо Рацин”, а не улица СтеванА СремцА или КочЕ РацинА.
Ништо од сево ова ќе го немаше, да имавме Комисија за стандардизација за географски и други имиња! Ама кој да ме слуша мене вака ем небањата ем ,,опасна вмровка” без тапија! – пишува Јачева.