Лион подобар од Марсеј во француското дерби

Во дерби натпреварот од 18-то коло на францускиот фудбалски шампионат Лион со 2:0 пред своите навивачи го совлада Марсеј.

Победата на „лавовите“ им ја донесоа Набил Фекир кој стрелаше прецизно во 6 минута и Маријано Дијаз кој погоди во 51 минута. Главен виновник за првиот гол на домашните е голманот на Олимпик Марсеј, Стив Мнданда кому топката му испадна од рацете откако Фекир шутираше од слободен удар од повеќе од 20 метри.

Во неделата беа одиграни уште два натпревара. Ница го совлада Бордо со 1:0, а со идентичен резултат Нант го порази Анжер.

Победата на Ница ѝ ја донесе Марио Балотели во 26 минута. Во средбата меѓу Нант и Анжер пресуди погодокот на Емилиан Сала во 24 минута од пенал. Домашните од 65 минута играа без исклучениот Јакине Баму.

На табелата води ПСЖ со 47 бодови, пред Монако и Лион кои имаат по 38 бодови, а Марсеј остана на четвртото место со 35 бодови.