Листата на задолжителна ампуларна терапија е важечка и нема никакви измени

Фондот за здравствено осигурување на Македонија сака да ја информира јавноста дека листата на задолжителна ампуларна терапија е важечка и на истата нема никакви измени, што значи дека матичните лекари немаат обврска за проширување на задолжителната ампуларна терапија.

Листата на задолжителна ампуларна терапија е објавена на веб страницата на Фондот на следниот линк http://fzo.org.mk/default.asp?ItemID=537F9214BF5E774883A91466039A1190 (види Прилог А: задолжителна ампуларна терапија) и е прилог, односно составен дел од договорите кои Фондот ги склучува со приватните здравствени установи.

Фондот нема дадено никакви други задолженија ниту измени на листата доставени до матичните лекари, ниту до еснафските здруженија, ниту пак задолжение да се набавува нов лек. Во однос на постапката за промени на задолжителна ампуларна терапија, треба да ја информираме јавноста дека се прави и анализа на финансиските импликации кои би ги имал како Фондот, така и матичните лекари. Се прави консултација со Лекарската комора и со стручните здруженија и доколку се утврди дека има потреба од промена на задолжителна ампуларна терпаија, истата се внесува како дел од договорите кои ги потпишуваат приватните здравствени установи (или како анекс) или ако измената стапува следната година, тогаш се внесува во прилогот и се потпишува како дел од новиот договор за 2019 година. Фондот ваквите измени секогаш ги прави во консултација со стручната фела и потоа за измените навремено ја известува и стручната јавност, велат од Фондот.