Листерија во артиклите на уште три компании!?

Неофицијално, освен кај производите на кумановската компанија, и кај артиклите на уште три компании кои се дел од бизнисот на месните преработки е можно присуство на опасната бактерија.

„Листеријата и опасноста од бактеријата предизвика паника кај македонското население, бидејќи во јавноста деновиве неофицијално се шири информација дека покрај кумановската “Екстра меин”, и кај производите на уште три компании кои се дел од бизнисот на месните преработки е можно присуство на опасната бактерија. Оваа информација во текот на вчерашниот ден не ни ја потврдија од Агенцијата за храна и ветеринарство, од каде што велат дека освен “Екстра меин”, во која е стопирано производството, немаат информации дали во другите месни индустрии е стопирано или намалено производството на месни преработки“, пишува Вечер.

Што се однесува на сомнителните мостри, тие се земени веднаш откако беше откриен првиот случај на листерија во Гевгелија од Министерството за здравство и се уште траат анализите во сите месни капацитети во државата.

Агонијата со листеријата трае веќе еден месец, а посебно во последните неколку дена, откако Министерството за здравство после цел месец испитување на примероци од над 30 преработувачки капацитети ја објави информацијата дека кај месната индустрија “Екстра меин” е потврдено присуство на бактеријата во сечкан свински врат. Тоа уште толку ги исплаши граѓаните, а резултатите на теренот велат дека драстично е намалена потрошувачката во месарниците.