Литванија ѝ испорача на Украина противвоздушни проектили

Украина во неделата со воен авион транспортер од Литванија примила пратка муниција и противвоздушни проектили од системот „Stinger“, соопшти министерството за одбрана.

Претходно во неделата два други транспортери испорачале во Киев околу 180 тони муниција од САД, соопшти украинскиот министер за одбрана Алексеј (Олексиј) Резников.

Министерот на Twitter објави дека Украина досега добила речиси 1.500 тони различни видови муниција. Украински воен функционери објавија дека земјата со помош на своите сојузници занчително ги зајакнала своите вооружени сили. Тоа конкретно се однесува на американските и британските противтенковски системи и турските беспилотни борбени летала.

САД и сојузниците велат дека Русија би можела да ја нападне Украина во секој момент, но Москва негира такви планови а распоредувањето на војниците на границата со соседната земја го објаснува со загриженоста за сопствената безбедност и можното воено дејство на Киев во самопрогласените проруски републики во Донецк и Луганск.