Литванскиот министер за одбрана во средата оцени дека авионите на НАТО стационирани во балтичките земји треба да соборуваат руски беспилотни летала во воздушниот простор на неговата земја и нејзините соседи, откако минатата седмица наводно руско беспилотно летало падна во соседна Латвија.
Од влегувањето на трите балтички земји во НАТО во 2004 година, на нивното небо патролираат авиони на НАТО бидејќи тие самите не поседуваат борбени авиони.
Мисијата на НАТО да го надгледува балтичкото небо „не само што треба да патролира, туку треба, доколку е потребно, доколку времето дозволува, да го скрати синџирот на одлучување на ниво на НАТО за авионите веднаш да полетаат и да ги уништат беспилотните летала“, рече за новинарите литванскиот министер Лауринас Касциунас.
Рускиот дрон, наводно од иранско производство се урнал во Латвија во саботата, но не експлодирал иако бил полн со експлозив, за што не беше приложен никакво доказ или снимка. Латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс во вторникот рече дека неговата земја разговара за ова прашање со своите сојузници.
„Го покренуваме прашањето за протоколот за пресретнување на беспилотни летала кај нашите партнери од НАТО и бараме да се користат сојузнички борбени авиони штом дронот ќе се приближи до нашите граници“, им рече тој на новинарите, оценувајќи дека проблемот меѓу другото се јавува затоа што авионите добиваат наредби од НАТО, а не од локално ниво, што ја забавува процедурата.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, познат како еден од главните гаранти на договорите меѓу прориската укранска власт и прозападните демонстранти кои не ги почитуваа пред превратот во Киев во март 2014 година, претходно овој месец изјави дека Варшава треба да има право да соборува руски ракети кои се закануваат на нејзината територија додека сѐ уште се над Украина.
Украина, исто така, побара од соседните земји-членки на НАТО во средата да соборуваат руски ракети и беспилотни летала насочени кон нејзините западни региони. Сепак, во Брисел сметаат дека такво вмешување на западната алијанса или нејзини членки несомнено ќе предизвика остра ескалација на судирот кој може да излезе од границите на Украина.
„Русите… сѐ повеќе гаѓаат места во близина на границата на НАТО“, рече новиот шеф на украинската дипломатија Андриј Сибиха, повикувајќи на „заеднички, цврст и решителен одговор“. Соборувањето на тие проектили „би било достоинствен и правилен чекор“, додаде тој.