Ливерпул го декласираше Арсенал, хет-трик на Фирмињо

Во дербито од 20-то коло на англиското фудбалско првенство, водечкиот Ливепрул на својот „Енфилд“ го победи Арсенал со 5:1, зацврстувајќи се на првото место, а први актер на дуелот беше Бразилецот Роберто Фирмињо кој го постигна својот прв хет-трик откако настапува во Премиер лигата.

Ова е една од највисоките победи на ливерпулските „Редси“ во долготрајната историја на ривалството со лондонските „Топчии“, а рекордот сѐ уште е резултатот 5:0 од натпреварот одигран во април 1964 година.

Воедно ова беше и деветтата последователна победа на Ливерпул, кој оваа сезона сѐ уште ја нема почувствувано горчината на поразот во Премиершип. Во 20 кола постигнаа 17 победи и три нерешени исходи со гол-разлика 48:8. Од друга страна, пак, Арсенал со денешниот пораз ја продолжи низата без победи на „Енфилд“ на шест меча, а притоа примил дури 22 гола.

Арсенал по почетниот притисок на Ливерпул дојде во водство во 11 минута, меѓутоа веќе пет минути подоцна беше 2:1 за домашните, а до крајот на полувремето „Редси“ ја зголемија предноста на 4:1. Во продолжението Ливерпул постигна уште еден гол во последниот меч во 2018 година.

Арсенал одлично влезе во мечот и веќе во 11 минута поведе. Алекс Ијоби испрати одлична топка на втората статива каде што натрча младиот Ејнсли Мејталн-Нилс и рутински пласираше за водство. Само две минути подоцна Фирмињо повлече топка од средината на противничката половина, ја протури до Мохамед Салах, Лихштајнер сакаше да ја избие во поле, но погоди свој соиграч и топката се одби до Бразилецот кој ја испрати во небранетата мрежа.

Веќе во 16 минута Фирмињо по одличен продор го постигна и вториот гол. Тореира ја загуби топката на центарот, таа дојде до бразилскиот играч кој се спушти кон противничкиот гол и двапати ја „измрда“ одбраната на Арсенал и погоди за целосен пресврт. Фирмињо постигна два гола за 90 секунди, а досега постигнал вкупно дури седум голови за Арсенал. Од играчите на Ливерпул, уште само легендарниот напаѓач Роби Фаулер постигна повеќе, и тоа девет.

Во 32 минута веќе беше 3:1. Робертсон со долга топка ги пронајде Салах кој веднаш ја додаде топката до Садио Мане во средината, а на овој не му беше тешко да го погоди голот на гостите. Во последните моменти од првото полувреме, Салах успеа да изнуди пенал, кој самиот го реализираше за недостижната предност од 4:1. Во 64 минута, Колашинац го собори во својот шеснаесетник Дејан Ловрен, а Фирмињо го постигна својот трет погодок на натпреварот.

Ливерпул е на чело на табелата со 54 бодови, а втор е Тотенхем со 45 откако претходно во саботата на „Вембли“ иако поведе изненадувачки беше поразен со 1:3 од гостинскиот Вулверхемптон. Поразот на „Спарси“ му овозможува на актуелниот шампион Манчестер Сити, кој има 44 бодови и во недела му гостува на Саутемптон, да се врати на втората позиција. Четврти е Челзи и меч помалку на гости кај Кристал Палас, а Арсенал остана на петтата позиција на табелата со 38 бодови, шест повеќе од Манчестер Јунајтед кој утре го пречекува Борнмут.