Во дербито од 23-то коло на англиското фудбалско првенство Ливерпул на својот „Енфилд“ ги совлада лидерот на табелата Манчестер Сити со 4:3, нанесувајќи им го на „граѓаните“ првиот првенствен пораз оваа сезона, во фантастичниот натпревар во кој покрај седумте голови, трипати се тресеа стативите и имаше уште низа шанси и на двете страни.
За Манчестер Сити ова беше првиот првенствен пораз оваа сезона, и први пораз последните седум месеци. Последен пат Сити беше поразен во Премиер лигата во април минатата година, на гостувањето кај Челзи. По тој дуел екипата на Пеп Гвардиола забележа 30 мечеви без пораз, од кои 26 победи и четири ремија.
Ливерпул поведе веќе во 9 минута со погодокот на Алекс Оклсејд-Чемберлејн, кој по извонредната соло акција со приземен прецизен удар од работ на противничкиот шеснаесетник го совлада Едерсон. Во 40 минута изедначи Лерој Сане, германскиот играч одлично ја прифати долгата топка упатена од Кајл Вокер, а потоа од игра ги исфрли Гомез и Матип и со удар во поблискиот агол го совлада Лорис Кариус.
Првата шанса во второто полувреме ја имаше Отаменди кој во 51 минута по корнер ја затресе стативата, а во 57 минута возврати Салах кој упати центарушт, но неговиот обид ја промени насоката и заврши во стативата. Ливерпул во 59 минута повторно дојде во водство, кога Окслејд-Чембрлејн испрати долга топка за Фирмињо кој се избори за позиција со Стоунс, а потоа го лобуваше Едерсон. Само две минути подоцна, Отамнеди згреши во одбраната, Салах му асистираше на Мане, а сенегалскиот фудбалер одлично го погоди аголот од голот на Сити, со што Ливерпул го зголеми водството. Во 68 минута „редсите“ веќе водеа со 4:1, откако Едерсон истрча и погрешно ја исфрли топката, а неговата грешка ја искористи Салај кој го лобуваше од дваесеттина метри. Сити доби надежи во 84 минута кога Бернардо Силва го намали водството на домашните, а драмата во финишот ја врати Илкај Гундоган во четвртата минута од судиското продолжување. Во последните моменти од дуелот Серхио Агуеро имаше шанса да израмни, но шутираше крај голот.
Во првиот неделен натпревар фудбалерите на Борнмут приредија првокласно изненадување победувајќи го на својот „Виталиту“ Арсенал со 2:1, што е нивната прва победа над лондонските „топчии“ во најелитното англиско натпреварување. Ова беше шести меѓусебен дуел и прва победа на Борнмут по четирите порази и едно реми.
Арсенал поведе во 52 минута со голот на Хектор Белерин, но домашните, како што пресметаа прецизните Англичани, за 283 секунди направија целосен пресврт. Во 70 минута изедначи Калам Вилсон, користејќи ја грешката на противничкиот голман, Петр Чех, кој задоцни на топката, а Вилсон биеше под него. Вилсон четири минута подоцна беше повторно централна фигура, откако во казнениот простор убаво прими една топка, и му асистираше на Џордан Ибу, за гол.
Борнмут поврза четири кола без пораз, при што постигна две победи, додека Арсенал во последните пет кола само еднаш славеше. Борнмут се искачи на 13-та позиција на табелата со 24 бодови, додека Арсенал е шести со 39 бодови.
На табелата и натаму со убедлива предност води Манчестер Сити со 62 бодови, додека Манчестер Јунајтед, сега Ливерпул и Чезли имаат по 47 бодови, со тоа што Јунајтед во понеделник на домашен терен го дочекува Стоук Сити.