Во заостанатиот натпревар од 27-то коло на англиското фудбалско првенство Ливепрул во Лондон го совлада Арсенал со 2:0, со што сосема му се доближи на водечкиот Манчестер Сити со само еден бод заостанување.
Во првото полувреме немаше многу шанси за голови од двете страни, иако малку подобар впечаток остави Арсенал чиишто играчи почесто беа пред гостинскиот гол.
На почетокот од вториот дел домашните уште порешително тргнаа по водство, а фантастична шанса имаше Одегард но и одлично реагирапе Алисон.
И потоа натпреварот беше решен за само девет минути. Прво Диого Жота во 54 минута погоди за 1:0, а веќе во 62 минута водството на гостите го удвои Роберто Фирмињо. Интересно е што Бразилецот само неколку минути претходно го замени токму Португалецот.
Ова беше деветтата првенствена победа во низа на Ливерпул, и во тие девет натпревари оствари фантастична гол-разлика од 23:2.
Манчестер Сити има 70 бодови а Ливерпул 69, додека третопласираниот Челзи со меч помалку заостанува десет бодови. Арсенал, пак, е четвртопласиран и со 51 бод од 27 натпревари.
Претходно во средата Тотенхем и Брајтон го одиграа својот заостанат натпревар од 16-то коло. Славеше лондоснкиот клуб со поодоците на Аргентинецот Кристијан Ромеро во 37 и на капитенот Хари Кејн во 57 минута.
За Брајтон ова беше веќе шестиот првенствен пораз во серија, а веќе пети меч во кој не постигнува погодок, и сега е на 13-то место со 33 бодови. Тотенхем, пак, се искачи на седмото место со 48 бодови колку што има и шестиот Вест Хем но кој има и меч повеќе.