Ливерпул оди на шестиот, а Тотенхем на првиот трофеј во ЛШ

По 124 одиграни натпревари во саботата доаѓа кулминацијата на европската клупска сезона во елитното фудбалско натпреварување на Стариот континент, кога во финалето на Лигата на шампионите на мадридскиот стадион „Ванда Метрополитано“ ќе се сретнат двата англиски клуба Ливерпул и Тотенхем.

Откако во средата во Баку Челзи го декласираше Арсенал во финалниот меч на Лига Европа, Ливерпул и Тотенхем ќе ги заокружат ткн „Англиските денови“ во европските купови. А првпат во историјата на поранешниот Куп а сега Лигата на шампионите, како и на Купот на УЕФА односно Лига Европа, во финалните дуели сите четири екипи се од иста земја, и притоа дури три клуба се од ист град, во случајов Лондон.

За Ливерпул ова ќе биде деветто, а за Тотенхем прво финале во елитното континентално натпреварување. Во досегашните осум финалиња „Редсите“ пет пати славеа, а трипати беа поразени. Последната титула Ливерпул ја освои во 2005 година, а последното финале го одигра лани кога беше поразен од Реал Мадрид.

Ливерпул има и три победи во Купот на УЕФА, додека Тотенхем двапати го освојувал пехарот во истото натпреварување. Тотенхем сега има можноста да стане само петтиот клуб во историјата која ја освојувал „тројната европска круна“, односно сите три европски купови – односно Купот/Лигата на нациите, Купот на УЕФА/Лига Европа и некогашниот Куп на победниците на Куповите (КПК). Досега тоа го остварија Челзи во средата, Ајакс, Јувентус и Баерн.

За Ливерпул ова е последната можност сезонава да освоји барем еден трофеј. Во англиските ФА куп и Лига куп беше елиминиран уште во третото коло, додека во првенството до последното коло конкурираше за титулата. Тотенхем, пак, првенството го заврши на четвртото место, во ФА купот беше елиминиран во четвртото колио, а во Лига купот дојде до полуфиналето.

Дуелот во Мадрид ќе биде четвртото „англиско“ финале во историјата на европските купови. Првото финале се одигра во 1972 година кога Тотенхем и Вулверхемптон го играа првото такво финале во Купот на УЕФА, второто беше во 2008 година кога во финалето на Лигата на шампионите играа Манчестер Јунајтед и Челзи, а третото пред неколку дена во Баку кога се соочија Челзи и Арсенал во финалето на Лига Европа.

Тотенхем стана 40-от клуб во историјата кој стасал до финалниот меч, а е прв клуб кому по првпат тоа му успеало по Челзи во 2008 година.

Двата клуба од ткн „англиска голема шестка“, досега одиграле 170 меѓусебни натпревари. Ливерпул победил 79 пати, Тотенхем бил подобар на 48 меча, а 43 средби завршиле без победник. Во европските купови досега играле само еднаш, во полуфиналето од Купот на УЕФА во 1973 година, кога Ливерпул беше подобар во двата меча (2:1 и 0:1), а потоа во финалето ја победи Борусија од Менхенгладбах.

Веројатни состави:

Тотенхем: Љорис – Трипие, Алдервејрелд, Вертонген, Роуз – Винкс, Сисоко – Ериксен, Али, Сон – Кејн.

Ливепрул: Алисон – Александер-Арнолд, Матип, Ван Дијк, Робертсон – Фабињо, Хендерсон, Вијналдум – Салах, Фирмињо, Мане.