Ливерпул повторно на плус седум, Челзи се намачи со Њукасл

Водечкиот тим во англиското фудбалско првенство Ливерпул ја зголеми својата предноста во однос на второпласираниот актуелен шампион Манчестер Сити на седум бодови, по минималната победа на гости кај Брајтон енд Хоув Албион во 22-то коло од Премиер лигата.

Единствениот погодок на натпреварот го постигна Мохамед Салах во 50 минута од пенал, кој самиот го избори по дуелот со Грос во шеснаесетникот на домашните. Ливерпул беше подобрата екипа во текот на целиот дуел, освен во последните десетина минути вклучително и судиското продолжение кога играчите на Брајтон тргнаа на сѐ или ништо.

Ливерпул сега има 57 бодов, вториот Манчестер Сити, кој својот меч од ова коло го игра во понеделник кај Вулверхемптон, додека третиот Тотенхем има 48 бодови а во недела пред своите навивачи го пречекува Манчестер Јунајтед кој е моментално шести со десет бодови помалку, но е во победнички ритам под водството на својот поранешен играч Оле Гунар Солскјер.

Изненадувањето на колото засега го приреди Вест Хем Јунајтед кој со 1:0 (о:о) го совлада фаворизираниот Арсенал со голот на Рајс во 48 минута, Вест Хем сега е деветти со 31 бод, додека Арсенал моментално е на петтата позиција со десет бодови повеќе.

Во дуелот од самото дно на табелата Кардиф Сити и Хадерсфилд Таун играа без голови. Кардиф останува на 17-то место со 19 бодови, во групата екипи кои се на бод од опасната зона, додека Хадерсфилд остана на самото дно со 11 бодови и се чини ги загуби уште отсега сите шанси и следната сезона да игра во Премиер лигата.

Ва Барнли сите три голови на мечот ги постигнаа гостинските фудбалери, но сепак Фулам загуби од истоимениот тим со 1:2. Гостите дојдоа во водство уште во втората минута преку Ширле, но подоцна за три минути „ни криви ни должни“ домашните направија пресврт со автоголовите на Брајан во 20 и Одои во 23 минута. Барнли се искачи на 15-то место со 21 бод, а Фулам пропушти можност бодовно да се приближи до местата кои гарантираат опстанок, претпоследен е 19-ти со 14 бодови.

Лестер доживеа домашен пораз со 1:2 од Саутемптон. Гостите поведоа во 11 минута од пенал преку Вард-Проувс а ја удвоија предноста во втората минута од судиското продолжение на првото полувреме се голот Лонг. Лестер го ублажи поразот преку Ндидид во 58 минута, па падна на осмото место со 31 бод, а Саутемптон се нареди во групата тимови со 19 бодови и е на 16-то место.

Со истиот резултат 1:2 и на сличен начин во кој стрелци беа играчите на само едниот противник на домашен терен поразени беа и фудбалерите на Кристал Палас кои дојдоа во водство со голот на Кеткарт во 38 минута. Половина час подоцна истиот играч се искупи за грешката и израмни, а водството и победата на гостите од Вотфорд им ја донесе Клеверлеј во 74 минута. Кристал Палас остана на 14-то место со 22 бодови, додека Вотфорд се проби на седмото место на табелата со 32 бода.

Во последниот саботен натпревар Челзи со 2:1 го совлада Њукасл Јунајтед, вложувајќи многу повеќе напори отколку што се очекуваше. Стрелци за „Сините“ беа Педро во 9 и Вилиан во 56 минута, додека гостите успеаја да израмнат во 40 минута преку Кларк. Со победата Челзи собра 47 бодови, бод помалку а меч повеќе од третиот Тотенхем. Њукасл остана во зоната на испаѓање, 18-ти е со 18 бодови, бод помалку од местата кои гарантираат опстанок на кои се Саутемптон и Кардиф Сити.

Во недела во Ливерпул ќе играат Евертон и Борнемут, а потоа на лондонски „Вембли“ во дербито на колото ќе се сретнат Тотенхем и Манчестер Јунајтед. Колото во понеделник ќе затвори дуелот Манчестер Сити – Вулверхемптон.