Ливерпул убедлив со четирите гола на Салах

Во 31-то коло од англиската Премиер лига, Ливерпул во очекување на дуелот во Лигата на шампионите со Манчестер Сити, на својот „Енфилд“ демонстрираше во саботата добра форма и прецизност во нападот совладувајќи го Ватофорд со 5:0, а фантастичниот Мохамед Салах постигна четири погодоци.

Ова беше уште една брилијантна претстава на Салах, кој оваа сезона во Премиер лигата постигна 28 голови и 9 асистенции. Против Ватфорд денеска беше стрелец во 4, 43, 77 и 85 минута, а во листата на стрелците се запиша и Фирмињо во 49 минута. Ливерпул сега има 63 бода и е на третата позиција, со два бода помалку од вториот Манчестер Јунајтед и исто толку повеќе од четвртиот Тотенхем, кои имаат и меч помалку. Ватфрод, пак, е безбедната 11-та позиција на табелата со 36 бодови.

Повеќето натпревари од 31-то коло во Премиер лигата се одложени поради тоа што овој викенд се играат четврфиналните дуели од ФА купот, па во саботата беа одиграни само четири меча.

Кристал Палас постигна важна победа во борбата за опстанок, совладувајќи го на гости Хадерсфилд со 2:0, па привремено побегна од зоната на испаѓање, на 16-то место е со 30 бодови. Стрелци беа Томкинс во 23 минута и Миливојевиќ во 68-та од пенал. Хадерсфилд остана на 15-то место со 31 бод.

Последнопласираниот со само 20 бодови Вест Бромвич Албион доживеа нов пораз кај Борнмут со 1:2, иако поведе во 49 минута со голот на Родригез. За домашните потоа погодија Ибе во 77 минута и Жуниор Стасислас во 89 минута. Борнмут сега има 36 бодови и е на 10-то место на табелата.

Стоук Сити со истиот резултат 1:2 загуби дома од Евертон, и остана на претпоследното 19-то место со 27 бодови. За екипата на Сем Алардајс, стрелец беше Тосун во 69 и 84 минута, со што Евертон собра 40 бодови и остана на 9-то место.