Во дербито на вечерта во Лигата на шампиони, „Ливерпул“ во фантастичен натпревар славеше против ПСЖ со 3:2 со гол на две миниту пред крајот на „Енфилд“. Во вториот меч од групата „Ц“, пак, дебитантот во ЛШ, некогашниот европски шампион „Црвена Ѕвезда“ одигра во Белград 0:0 со фаворитот „Наполи“.
Ланскиот финалист во ЛШ, „Ливерпул“ одигра офанзивно како и во минатата сезона и доминираше низ текот на целиот натпревар. Голманот на ПСЖ, Ареола ги бранеше ударите на Ван Дијк и на Мане, но домаќинот дојде во водство во 30. минута кога на уфрлување на Робертсон со глава погоди Даниел Стариџ. Шест минути подоцна Милнер од пенал ја зголеми предноста. Парижаните го намалија водството во 40 минута, откако Кавани по уфрлување на Ди Марија падна во шеснаесетникот по неуспешниот обид за „ножички“, па топката неочекувано дојде до Мение кој погоди за 2:1.
Иако имаа резултат кој можеше да ги врати во игра фудбалерите на ПСЖ во ист стил продолжија и во второто полувреме во кое доминираа домаќините. Во 58 минута Салах постигна гол, но турскиот судија Чакир го понипти поради прекршок на Стариџ врз голманот Ареола. Напаѓачот на „Ливерпул“ излезе од игра во 72 минута, откако претходно имапе уште една сериозна шанса, а на негово место влезе Фирмињо. Веднаш потоа и Салах биеше покрај голот, но во 83 минута погреши во додавањето на сопствената половина. Топката дојде до Нејмар, кој помина неколку играчи на „Ливерпул“ и среќно дојде до Мбапе, кој веднаш биеше и погоди за израмнување. Клоп веднаш реагираше и го извади од игра егијанецот, а на негово место влезе Џердан Шаќири. „Ливерпул“ пак ги притисна Французите на нивната половина, па по одличниот дриблинг на Мане гостите мораа да го соборат на работ од шеснаесетникот. Слободниот удар го изведе Александер Арнолд, кој ја погоди стативата. Кога се чинеше дека ПСЖ ќе извлече бод од „Енфилд“ Фирмињо по одлична соло акција во шеснаесетникот продрибла двајца Французи и биеше во десниот агол, кој остана небранет од Ариола.