Фудбалерите на Ливепрул се пласираа во осминафиналето на англискиот ФА Куп откако на својот стадион „Енфилд“ го совлада второлигашот Кардиф Сити со 3:1.
Без двата клучни играча во нападот, Мохамед Салах и Садио Мане кои подоцна во неделата ќе настапат за своите репрезентации на Египет и Сенегал во финалето на африканскиот Куп на нациите, Ливерпул се мачеше во текот на првите 45 минути против екипата којашто е дури на 20-то место на второлигашката табела.
Кардиф ја сочува мрежата во првиот дел, но веќе на почетокот од вториот работите дојдоа на свое место. Гостинската мрежа ја начна Диого Жота во 53 минута, водството го удвои Такуми Минамино во 68 а Харви Елиот повиси на 3:0 во 78 минута. Почесниот погодок за гостите го постигна во 80 минута Рубин Колвил.
Ливерпул така во осминафиналето ќе игра повторно на домашен терен, и тоа против конкурентот од Премиер лигата – Норич.