![pepi-2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/07/pepi-2.jpg?resize=615%2C400&ssl=1)
Новиот второлигаш, ФК Љубанци гради извонредно амбициозен проект околу себе, воден од Јохан Тарчуловски, со желба за брз продор веќе низ следната сезона и до прволигашкото друштво во Македонија.
Пред стартот на подготовките за првата своја сезона како второлигаш во историјата, Љубанци за нов тренер го назначи легендата на ФК Вардар и македонскиот фудбал, Пепи Георгиевски.
Пепи Георгиевски во Љубанци доаѓа од редовите на Вардар каде работеше изминативе две години во младинската школа на „црвено-црните“. Во стручниот штаб ќе му помага и Мане Манев, како тренер на голманите.
Покрај комплетирањето на стручниот штаб, како што информираат за ЕКИПА од ФК Љубанци, значително засилување има и за играчките редови. Нови фудбалери се досегашните фудбалери на Вардар, Раденко Бојовиќ, голманот Борјан Ристовски и Виктор Серафимовски, а во новата сезона во Љубанци ќе настапуваат и Димитар Иванов и дефанзивецот Столе Стојчевски.
Од редовите на Работнички доаѓаат браќата Теодор и Тихомир Фидановски, а од Пелистер, пак, Чешмеџиев. Голманската позиција ќе биде освежена и со Стефан Истатов од редовите на Беласица.
Екипата на Љубанци, во желбата за што поподготвена да го дочека стартот на второлигашката сезона, од утре своите подготовки ќе ги реализира во Маврово, каде ќе се остане до 19. јули.