Лојд Остин хоспитализиран поради инфекција по операција на рак на простатата

Американскиот министер за одбрана Лојд Остин беше хоспитализиран на 1-ви јануари поради уринарна инфекција откако беше подложен на операција за рак на простата во декември, објави во вторникот Воената болница „Волтер Рид“.

„Инфекцијата е исчистена. Закрепнувањето оди добро и очекуваме целосно закрепнување, иако може да потрае извесно време. За време на престојот во болница, министерот Остин во ниту еден момент не бил во несвест и не бил под општа анестезија“, се вели во соопштението на болницата објавено од Пентагон.

Досега немаше никаква официјална реакција на шпекулациите за здравствената состојба на министерот. Остин, кој има 70 години, во писмената изјава дури во саботата на 6-ти јануари соопшти дека ја презема „целосната одговорност“ за тајноста околу неговата еднонеделна хоспитализација поради сè уште неоткриена медицинска причина.

Американската телевизиска мрежа CNN во неделата објави дека заменичката на Лојд Остин на позицијатот шеф на Пентагон, Кетлин Хикс, воопшто не била информирана дека министерот е хоспитализиран кога преземала некои од неговите должности на 2-ри јануари. Кетлин Хикс била информирана дури два дена подоцна дека Остин бил примен во воената болница „Волтер Рид“ на Нова година, објави CNN, цитирајќи два изворa од Министерството за одбрана.

Агенцијата Reuters претходно во саботата објави дека претседателот Џо Бајден не бил информиран за хоспитализацијата до четвртокот вечерта. Двајцата разговарале во саботата вечерта, изјави друг американски официјален претставник.

Остин е вториот по Бајден во командната хиерархија на американската војска и неговите должности бараат тој да биде на располагање во секое време за да одговори на секаков вид криза од доменот на националната безбедносна.

Американското издание Politico oбјави дека генералот Чарлс Кју. Браун, шеф на Здружениот генералштаб на американската војска, дознал за хоспитализацијата на Остин дури во вторникот.