Лога го земал документот со препораките на Оценската мисија на ЕУ, обвини Филков

Многу споменуваниот документ за препораките на Оценската мисија на ЕУ не е на располагање во Министерството, изјави денеска министерот за правда, Игор Филков, за време отчетотот за „Стоте дена Влада“ дека. Според него кога си заминувал од функцијата неговиот претходник, Кренар Лога, го зел со себе документот.

„Голем предизвик за нас е фактот дека Министерството за правда не располага со толку споменуваниот документ со препораки за Судскиот совет на Оценската мисија на ЕК. Иако се работи за документ кој е класифициран, истиот е земен од мојот претходник и Министерството за правда не располага со него. Сега се снаоѓаме како знаеме, се потпираме на електронски верзии на дел од документите кои ги содржат препораките. Но без официјално образложение и без допис од ЕК“, обвини Филков, кој најави дека за документот на Оценската комисија ќе одржи посебна прес конференција и ќе бара одговорност.

Актуелниот министер за правда вели дека затекнал девастирано Министерство. Тврди дека целосно бил испразнет кабинетот од документација, а место тоа нашол по 200 парчиња маици, чадори и чаши за кои фактурите не биле платени. Му биле оставени тој да ги плаќа. Имало и фактури за плаќање за лаптопи, телефони и електрични скутери, но не и документација за кого се набавени. Затекнал и нефункционален возен парк.

Филков, на денешната прес конференција најави зголемување на старосната граница за пензионирање на судиите. Тој појасни дека законското решение ќе мора да се донесе во најскоро време, со оглед дека судството може да се соочи со проблем.

-Имаме реален проблем и работиме на измените. Мислам дека предложената граница ќе биде 67 години и ќе важи за сите судии, појасни Филков, одговарајќи на новинарски прашања.

Недостигот на судии во македонските судови влијае на квалитетот на пресудите. Голем дел од судовите работат со помалку од една третина од предвидените судии. Тоа значи повеќе работа за секој судија, трупање предмети, одолговлекување на пресудите.

Тотален колапс на судството ќе има за околу 10 години ако продолжи ова темпо на одлив на судии и неизбирање нови – ова го покажала анализата на невладината „Коалиција сите за правично судење“, според која за 5 години, во пензија и нешто со разрешувања од судството заминале 177 судии, а биле избрани само 52 од дипломираните кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.