Локал во Фиренца казнет со 1.000 евра за „прескапо“ кафе од две евра

Казната дојде откако еден од муштериите повикал општинска полиција, бидејќи платил две евра за еспресо без кофеин во кафулето „Ditta Artigianale“ во Фиренца, пренесува Гардијан. Тој се пожали дека цената на кафето не била јасно истакната во просториите на барот.

Сопственикот Франческо Санапо ја коментираше казната на социјалните мрежи и застана во одбрана на кафето што го нудат, а кое доаѓа од мала плантажа во Мексико и „со големо внимание го подготвуваат неговите баристи“.

„Бев казнет затоа што некој се навреди што платил две евра за кафе. Можеш ли да поверуваш? Денеска секој може да се изнервира и да мобилизира полиција која ќе не казни според застарениот закон. Никој не треба да биде скандализиран ако плати две евра за еспресо“, рече тој.

Во Италија просечната цена на еспресото е едно евро, иако повеќето кафулиња и барови неодамна ги зголемија цените поради проблеми со снабдувањето и повисоките цени на сировото кафе. Групите за заштита на потрошувачите предупредија дека просечната цена на еспресото оваа година би можела да порасне до 1,5 евра, пишуваат медиумите.