Големиот шумски пожар, кој избувна вчера попладне во планинскиот превој меѓу струшките села Делогожда и Поум, е локализиран и се работи на негово гаснење, информираат од Територијалната противпожарна единица во Струга.
Од утрово, како што соопшти Службата за информирање на Владата, пожарот ќе се гаси и од воздух со авиони, коишто синоќа не можеле да полетаат поради стандардните процедури коишто не предвидуваат летање во ноќни услови.
Владата која на вчерашната седница ја разгледала ситуацијата со пожарот, констатирала дека за гаснење на пожарот се активирани противпожарни служби од Струга и од Охрид, и оти по потреба ќе биде активирана и службата од Кичево.
Исто така Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи бил задолжен да ја следи внимателно ситуацијата на теренот и доколку е потребно да се преземат дополнителни активности за заштита од пожарот.
Командирот на Противпожарната единица во Струга, Минир Мамуди вчера информираше дека на терен се излегло со три противпожарни возила, но оти немаат капацитет сами да го изгаснат огнот, кој брзо се ширел поради силниот ветер што дува во тој регион. Помош побарале и од охридските пожарникари и од Дирекцијата за заштита и спасување за активирање на авионите за гасење пожари.
Пожарот над селото Делогожда во струшката пожарна бил пријавен вчера околу 15 часот, а зафаќа борова шума и багрем.