Локализиран пожарот во општина Зрновци

Пожарникарите од Кочанската територијална противпожарна единица, вработените од Шумското стопанство „Осогово“, екипи од Комуналното јавно претпријатие „Водна кула“ и жители од општина Зрновци по дванаесет часа го локализираа пожарот во општина Зрновци.

Градоначалникот на општина Зрновци Блаже Станков информира дека иако пожарот е локализиран, сепак екипи, пожарникари и вработени од КЈП „Водна кула“ од Зрновци ќе дежураат и ноќеска на теренот околу селото Видовиште.

Пожарот, како што рече, се движел со голема брзина и дошол до планинскиот пат кој води кон манастирот „Света Петка“ од каде било спречено неговото ширење кон срцето на планинатата Плачковица.

Според првичните проценки, во пожарот е зафатена нискостеблеста шума од смрека, борова и дабова шума на површина од околу 300 хектари.

Пожарот избувна претпладнево околу 7 часот во месноста Трнавца меѓу населените места Видовиште и Теранци во општина Зрновци, а е локализиран околу 19 часот.

Според очевидци кои први го забележале пожарот во месноста Трнавца кај каналот за наводнување меѓу селата Видовиште и Теранци се работи за пожар предизвикан од човечки фактор.