Пратеничката во Закарпатскиот регионален совет Јудита Пете, објави на социјалните мрежи мапа на регионот, од која половината беше во боите на унгарското национално знаме, објавија во саботата украинските медиуми.
Според медиумите, Петеи која е член на партијата на Унгарците во Украина КМКС, подоцна ја отстранила фотографијата со контроврзната мапа, како што се наведува „сфаќајќи ја грешката и сериозноста“ на потегот.
Се додава и дека Петеи во објавата под мапата говорела за вознемиреноста којашто ја чувствуваат етничките Унгарци во Закарпатскиот регион кои биле подложени на силен притисок и прогон.
Унгарските медиуми претходно седмицава пишуваа дека во Закарпатие деновите се спроведува најголемата мобилизација од почетокот на руската инвазија ланскиот февруари, којашто се должи според нив на големите загуби во жива сила на Закарпатската 128-ма планинска јуришна бригада во борбите кај Соледар во југоисточната Доњецка област. Весникот Metropol објави дека на неколку стотина метри од границата со Унгарија со седмици телата на украински војници се држат во камион ладилник, за чиешто загинување не се известени сѐ уште роднините.
Весникот Ripost објави дека украинската безбедносно-разузнавачка агенција Служба за безбедност на Украина (СБУ) им забранува на роднините на загинатите украински Унгарци да ги бараат преку социјалните мрежи и да објавуваат за нивните загинувања. Неодамна унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Унгарците од Закарпатие „жестоко“ и под „притисок“ се мобилизираат во украинската војска, како и дека многумина од нив гинат.
Официјален Киев ваквите објави за угнетување на етничките Унгарците во Закарпатие ги нарекува „продолжение од руската и унгарската пропаганда“ против Украина. Се додава дека ваквите инциденти поврзани со политичари од партијата на унгарското малцинство КМКС ги покажуваат нивните тенденции кон „Голема Унгарија“.
На почетокот од декември полската амбасада во Будимпешта се најде во фокусот на голем дипломатски скандал, откако амбасадорот Себастијан Кенчек и шефицата на политичко-економскиот оддел во дипломатската мисија се сретнале со Ласло Тороцкаи, челникот на унгарската екстремна десница која заговара поделба на Украина.
„Господ да ја благослови Полска! Да се сретнеме повторно на заедничката полско-унгарска граница!“, напиша тогаш Торцкаи на Twitter а објавата беше придружена со фотографија од преминот Ужоцка, каде полскиот и унгарскиот граничар се ракуваат. Фотографијата е направена кога историската област Закарпатие (Транскарпатија) е анектирана од Унгарија во 1939 година. Денес на ова место е полско-украинската граница.
Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот.
Последните месеци зачестени се тврдења за наводна заинтересираност на Варшава за враќање на одредени украински територии порано области од Полска, коишто како и од Унгарија и од Романија биле освоени во текот на различните конфликти по формирањето на СССР во 1922 година.