Лондон ја обвини Русија дека го попречувала сигналот на авионот со британскиот министер за одбрана

Се верува дека Русија го попречувала сателитскиот сигнал на авионот со кој патувал британскиот министер за одбрана Грант Шапс од Полска во Велика Британија, рекле за Reuters во четвртокот неименуван владин извор и новинари кои патувале со министерот.

Според владиниот извор и некои новинари, GPS сигналот бил наводно попречуван околу 30 минута додека авионот летал во близина на руската балтичка енклава Калининград.

Овој град инаку претставува голема закана за западна Европа со својот голем ракетен арсенал, вклучително и нуклеарни боеви главо. Изминатите години британската армија во неколку наврати симулираше нуклеарен удар врз Калининград.

Нема информации за тоа дали тоа била вообичаена или најавена рута на летот на британскиот министер.

Како доказ за своите тврдења, соговорниците на Reuters навеле дека нивните паметни телефони не можеле да се поврзат на интернет и дека авионот морал да користи „алтернативни методи“ за да ја одреди својата локација.

Руското Министерство за одбрана сѐ уште не одговорила на барањето на агенцијата да ги коментира овие наводи.

Портпаролот на британскиот премиер Риши Сунак го потврдил наводниот инцидент кој се случил во средата, но додал дека тоа „не е невообичаено“.

„На вчерашното патување од Полска, авионот во кој се наоѓаше министерот за одбрана и неговата делегација привремено е попречуван GPS-от во близина на Калининград“, рекол портпаролот на Даунинг Стрит.

„Немаше закани по безбедноста на авионот и не е невообичаено авион да доживее попречување на GPS-от во близина на Калининград, кој е секако руска територија“, рекол портпаролот на премиерот Сунак.