Официјален Лондон се подготвува за „извлекување и брза евакуација“ на сите Британци кои сега се на одмор во Грција, во случај на финансиски крах на оваа земја, пишуваат британските медиуми, објави МИА.
Според „Дејли Експрес“ владината администрација во Вајтхол и домашните тур-оператори се подготвени да вратат дома во Велика Британија 110 илјади туристи, кои сега се на одмор по грчките одморалишта, доколку поради кризата со долговите, банките во Грција и банкарските автомати останат без готовина, или земјата мора да ги напушти еврозоната и единствената европска валута.
„Тоа ќе биде најголемата евакуација на Британци во мирновременски услови“, пишува „Дејли Експрес„.
Другите весници откриваат дека британската влада „стравува од можноста Британците да останат заробени“ во Грција, без готовина, ако кризата предизвика затворање на грчките банки, што може да се случи доколку владата на левичарскиот премиер Алексис Ципрас и кредиторите, не успеат да постигнат спогодба.
Британските тур-оператори во меѓувреме ги намалуваат цените за кусите одмори во Грција, плашејќи се поради актуелната финансиска и должничка криза да нудат и да продаваат аранжмани за летување- тврди проконзервативниот „Дејли Телеграф“.
Истражувањето на туристичкиот пазара во Велика Британија покажува дека бројот на аранжманите за одмор во Грција оваа година се помали за 50 отсто во споредба со истиот период во минатата година.
Како главна причина за „заобиколувањето“ на Грција, која е традиционална дестинација за одмор и патување на Британците е кризата во таа земја и незивесноста со тамошните банки.
Британскиот Форин Офис веќе од поодамна им советува на британските туристи кои патуваат во Грција, да имаат кај себе готовина и да не се потпираат само на банкарските картички.