Лондон ги бара сите вакцини кои ги нарачал по спорот на ЕУ и „AstraZeneca“

Велика Британија соопшти во четвртокот дека мора да ги добие сите вакцини против Covid-19 кои ги нарачала и платила откако Европската унија побара од англо-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ да ги пренасочи дозите кон неа од Обединетото Кралство.

Европската унија, којашто далеку заостанува зад Израел, Велика Британија, САД, Кина и Русија, во вакцинирањето на населението против коронавивирусот, од „AstraZeneca“ бара од нејзините погони на британската територија да ја снабди со повеќе дози од вакцината, откако минатата седмица компанијата го извести Брисел дека ќе достави за 60 отсто помалку дози од ветените за првиот квартал во 2021 година. Компанијата тоа го објасни со проблемите со производството во нејзините погони во Белгија и Холандија.

Од „AstraZeneca“, чиешто седиште е во Кембриџ во Англија, ѝ понудија на Европската унија во февруари сепак да ѝ достави поголем број дози од својата вакцина, по најавите за забавувањето на пратките поради кои ЕУ бараше пренасочување на дозите од Велика Британија.

„Мислам дека мораме да осигуриме во Обединетото Кралство да се испорача вакцината која е нарачана и платена. Наш приоритет мора да биде да обезбедиме луѓето во нашата земја, кои се во чувствителната група предвидена за вакцинирање, да ги добијат тие вакцини“, истакна британскиот министер Мајкл Гоув во разговорот за LBC Radio.

На повтореното прашање подоцна за јавниот британски сервис BBC, дали британската влада ќе ја спречи „AstraZeneca“ да ги пренасочи дозите од земјата во ЕУ, Гоув одговори дека клучната работа е Британија да ги добие своите нарачки како што е планирано и навреме.

За BBC Гоув додаде дека испораката, којашто е планирана и платена, треба да продолжи и дека нема да има прекин во снабдувањето со вакцината.

„Меѓутоа, сепак, мислам дека вистинскиот простапе е со нашите пријатели во Европа да поттикнеме дијалог за соработка за да видиме како можеме да помогнеме“, додаде британскиот минстер.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во средата дека ќе претставувало „голема штета“ доколку Обединетото Кралство останало во програмата за вакцини на Европската унија.