Лондон го бара медицинскиот персонал од фудбалските клубови

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, побара од водечките градски фудбалски клубови да го отстапат својот медицински персонал и опрема во борбата против пандемијата на коронавирусот.

„Многумина веќе ја понудија поддршката и им помагаат на своите локални заедници. Благодарен сум на позитивниот одговор кој го добивме“, наведе градоначалникот Кан во писмото објавено во The Daily Mail.

Лондонскиот градоначалник писмени барања испратил до Арсенал, Челзи, Вест Хем Јунајтед, Фулам, Квинс Парк Ренџерс, Чарлтон, Брентфорд и Милвол.

Градоначалникот побарал помош во медицински персонал, во опрема која се користи во бројните теренски болници, подвижни угостителски објекти, подгревачи за храна и ладилници.

Тотенхем не добил барање, бидејќи веќе соработува со градските власти. „Спарси“ го понудија својот нов милијарда евра вреден стадион за да помогнат против пандемијата на коронавирусот, додека подземните гаражи веќе се користат како сладиште.

Хуманитарните организации „Felix Project“, „FareShare“ и „City Harvest“, трите најголеми дистрибутера на храна во Лондон го основаа фондот „London Food Alliance“ за да им се обезбеди на најзагрозените лица во британската престолнина да не останат гладни во текот на кризата. Токму стадионот на Тотенхем служи како еден од двата центра за собирање на храната.

„Како клуб секогаш сме биле јасни и отворени во својата определеност кон пошироката заедница, а никогаш тоа не било поважно отколку што е сега“, порача претседателот на Тотенхем, Даниел Леви.