Шефот на британската дипломатија Доминик Раб денеска ја обвини Русија за излегувањето на САД од Договорот за нуклеарни проектили со среден дострел (ИНФ).
Тој додаде дека Велика Британија во целост го поддржува одговорот на НАТО.
– Русија предизвика крах на Договорот ИНФ тајно развивајќи и распоредувајќи ракетен систем со кој се крши Договорот и со кои може да цели кон европските престолнини, напиша Раб на Твитер.
Тој додаде дека рускиот „презир кон меѓународниот систем заснован врз правила ја загрозува европската безбедност“.
Додека полското Министерство за надворешни работи, по формалното повлекување на САД од Договорот, соопшти дека целата одговорност за пропаѓањето на ИНФ е на Русија.
– Руската неподготвеност да се врати на почитување на Договорот ИНФ не им остави на САД никаков избор, се посочува во реакцијата на полското МНР објавена на Твитер.
Претходно и НАТО ја обвини Москва за пропаѓањето на Договорот ИНФ. Претставници на Алијансата изјавија дека Русија е одговорна за распадот на Договорот со кој се задржува нуклеарното оружје надвор од Европа.
– НАТО се согласи на начини да ја одврати Русија од лансирање на нови ракети со среден дострел кои се во состојба да извршат нуклеарен напад во Европа, се набедува во соопштението на Алијансата.
Северноатлантската алијанса посочува дека Русија го прекршила Договорот од 1987 година со кој се забранети копнени ракети со среден дострел во Европа и разви ракета со нуклеарен потенцијал Новатор 9М729, позната и како ССЦ-8.
– НАТО ќе одговори на одмерен и одговорен начин на значителните ризици кои ги претставува ракетата 9М729. Се усогласивме за балансиран, координиран и одбранбен пакет мерки, се посочува во соопштението од Алијансата.
Додека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг наведе дека Алијансата „не сака нова трка во вооружување“.
Русија негира какво било кршење на Договорот ИНФ.