Велика Британија најави нов режим на санкции против Иран, насочен против лицата кои учествуваат во носењето одлуки, а од кои некои се „вклучени во трговијата со оружје“ и „им се закануваат на британските државјани“.
Сегашниот британски режим на санкции против Иран е насочен на човековите права, но според новите предлози дијапазонот на критериуми ќе се прошири и, веројатно, ќе го следи американскиот.
„Иранскиот режим го угнетува својот народ, извезува крвопролевање во Украина и на Блискиот исток и се заканува со убиства и грабнувања на територијата на Обединетото Кралство“, изјави британскиот министер за надворешни работи Џејк Клеверли кој не пружи потврда за неговите тврдења.
„Денеска Обединетото Кралство му испрати јасна порака на режимот (во Иран): нема да толерираме такво однесување и ќе мора да одговарате. Благодарејќи на нашиот нов режим на санкции, оние коишто сакаат да ни наштетат повеќе нема да имаат каде да се сокријат“, додаде шефот на британската дипломатија.
Иранското Министерство за надворешни работи го повика на разговор вршителот на должноста британски амбасадор во Техеран поради „деструктивните изјави и мешањето во внатрешните работи“ на Иран, пренесе иранската телеввизиска мрежа al-Alam која емитува програма на арапски јазик.
Лондон соопшти дека според новиот режим на сакции, кој ќе биде донесен подоцна оваа година, поединци и компании ќе бидат подложни на санкциите долколку „придонесуваат во загрозувањето на мирот и стабилноста на Блискиот исток и во другите земји“.
Во соопштението се додава и дека Велика Британија на Советот за безбедност при Обединетите нации му предала наводни докази дека Иран и натаму ѝ испраќаат оружје на побунетата шиитска заедница Хути во Јемен и наводно и на Русија.
Според новите британски критериуми, санкциите може да бидат насочени и на оние за коишто Лондон тврди дека наводно учествувале во „ирански обиди за загрозување на демократијата и владеењето на правото во Обединетото Кралство, како и во активности насочени против британскиот народ и сопственост или на британските сојузници“.
Велика Британија тврди дека Иран најмалку 15 пати од почетокот на минатата 2022 година наводно се обидел да грабне или дури да убие британски државјани или поединци кои живеат во Велика Британија.