Британската влада ќе инвестира 338 милиони фунти за промовирање на одење пеш и изградба на нови велосипедски патеки. Целта е зголемената пандемиска употреба на велосипеди како превозно средство да остане трајна, како дел од напорите за намалени штетни гасови.
Со инвестицијата, што претставува зголемување на буџетот за 30 проценти за активно патување, возењето велосипед и пешачењето ќе станат полесни и побезбедни.
Според владата, во 2020 година километрите поминати со велосипед по англиските патишта се зголемени за 46 отсто.
– Минатата година, милиони од нас откриле дека возењето велосипед и пешачењето се одлични начини да се остане во форма, да се ублажи застојот на патиштата и да се придонесе за животната средина – изјави британскиот министер за транспорт, Грант Шепс, додавајќи дека кабинетот е решен да го продолжи тој тренд.