Ситуацијата во германскиот сектор на изградба на станови се влоши во ноември, бидејќи сѐ повеќе компании се соочуваат со недостиг од нарачки, покажува истражувањето на германскиот институт за економски истражувања Ifo.
Во ноември 49,1 отсто од компаниите се пожалиле на недостиг од нарачки, што е зголемување во однос на 48,7 отсто во претходниот месец. Со тоа се зголемува нивниот удел осми месец по ред.
Многу компании се соочуваат со откажување на нарачките, на што се пожалиле 21,5 отсто од нив во ноември, приближно ист процент како и во октомври кога се пожалиле 22,2 отсто од нив.
Компаниите кои се занимаваат со изградба на станови губат клиенти во голем обем поради високите трошоци за изградба и сегашното ниво на каматни стапки.
„Многу проекти едноставно повеќе не се исплаќаат под овие услови и мора да се одложат или откажат“, вели Клаус Вохрабе, раководител на истражување во институтот Ifo.
Новите нарачки се толку слаби што опстанокот на некои компании е загрозен. На финансиски тешкотии се пожалиле 11,1 отсто од нив, што е за 1,2 процентни поени повеќе од октомври, покажа истражувањето.
Деловната клима дополнително се влоши во ноември, што се одрази со падот на соодветниот индекс на минус 54,6 поени, најниско ниво од почетокот на истражувањето во 1991 година.
Расположението меѓу анкетираните компании и понатаму е лошо, вели Волербе, додавајќи дека моментално нема подобрување на повидок.
Најновите извештаи за германската буџетска криза веројатно немаа значајно влијание врз резултатите од истражувањето, бидејќи повеќето одговори беа добиени во првата половина на ноември, велат од институтот. Ова, исто такам значи дека сè уште не е јасно како банкротот на австрискиот гигант за недвижности „Signa Holding“ ќе влијае на расположението.