Отстрелот на диви свињи продолжува викендов во североисточниот дел на земјава. Но, од ловечката федерација порачуваат дека не сакаат да ги осиромашат ловиштата и да ги доведат на биолошки минимум, а се противат и на вклучувањето на војската во отстрелот на диви свињи.
За ловџиите мерките на Владата се премногу радикални, а рокот кој им го даваат властите за 10 дена да се истребат половина од свињите кои биле планирани годинава за отстрел велат не може да се оствари.
Владата пак останува на мерките кои ги донесе. Ресорниот министер вели дека мора да се делува превентивно, бидејќи доколку болеста дојде во земјава штетите за државата ќе бидат огромни. Сепак Димковски вели дека како Влада остануваат отворени за предлозите кои ги очекуваат од ловечката федерација.
Во земјава има околу 120.000 свињи од кои 18.000 се сместени во близу 2.000 одгледувалишта, кои имаат од една до 10 свињи и не можат да ги обезбедат основните биосигурносни мерки за заштита од африканската свинска чума. МЗШВ предвидува околу 65 милиони денари за обесштетување.
3.000 денари ќе добијат сточарите кои не можат да ги обезбедат основните биосигурносни мерки, а државата ќе плати и по 1.000 денари на ловџиите за застрелана дива свиња. Африканската чума не е опасна за луѓето, се пренесува само кај свињите, но нема соодветен лек или вакцина против неа, и е смртоносна за овој вид на животни.