На денешната собраниска седница наменета за поставување пратенички прашања, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Олга Лозановска, упати две пратенички прашања. Првото пратеничкото прашање кое таа го упати до премиерот Ковачевски е поставено од група граѓаните од Битола, за тоа што се случи со тој помпезно најавуван проект за замена на филтри во РЕК Битола од повеќе милиони евра и зошто нема никакви активности и реализација на така капитален проект за заштита на животната средина?
„До денес приказната за животната средина за Битола и Битолчани остана само одамна пропадната флоскула. Во програмата „Можеме“ на СДСМ се велеше дека нивната цел во наредните години ќе биде ревитализација и модернизација на сите 3 блока во РЕК Битола со редукција на прашина и десулфуризација, но од тоа ништо нема. Ревитализација и модернизација на блок 1 во РЕК Битола за намалување на емисии и јаглен диоксид и отворање на можност за употреба на различни типови гориво, и од тоа нема ништо“, рече Лозановска.
Лозановска посочи дека уште пред изборите во 2016-та година СДСМ постојано кажувале дека е неопходно да се заменат филтрите на оџаците на РЕК Битола.
Таа додаде дека сега сведоци сме дека поминаа веќе 6 години, а од филтри за РЕК Битола нема ни трага, ни глас.
Второ прашање кое таа го упати е до Министерот за економија, за тоа колку од доделените дозволи за изградба на фотоволтаични централи се на земјоделско земјиште и од која категорија?
Лозановска ова го прашува поради реакцијата од страна на земјоделците.
„Сите бевме сведоци особено од Овчеполието кои имаа барање да не се поставуваат фотоволтаици на обработливо земјиште. Исто така имаше низ медиумите информација дека приватни инвеститори откупувале големи површини земјоделско земјиште и барале пренамена“, кажа Лозановска.
Таа додаде дека земјоделците алармирале дека не требало да има купување на квалитетно земјоделско земјиште.
„Земјоделците алармираа дека не треба и дека има се почесто купување на квалитетно земјоделско земјиште кое се пренаменува. Значи нивниот став е дека тие не се против поставување на фотоволтаични централи, но треба да се внимава затоа што тоа не треба да се прави на земјиште од 1,2,3 и 4-та категорија“, вели Лозановска.