Лозарите од Тиквешко кои се собраа во средата вечерта за да разговараат околу ниските цени кои винариите ги нудат за грозјето, одлучија да протестираат против игнорантскиот однос на винарските визби.
Претседателот на здружението Напредни лозари, Трајче Кулев, во четвртокот на прес-конференција соопшти дека се бара масовна поддршка од производителите на грозје и доколку ја добијат, ќе се организираат протестите.
„Нема напредок во преговорите со винарите околу цените. Ние сме во загуба. Тие ги нудат истите цени од 11 и 13 денари за килограм “смедеревка” и “вранец”, а ние бараме реални 15 со 17 денари за овие најзастапени сорти“, информираше Кулев и додаде дека се’ уште е актуелен и проблемот со винарските визби кои не доисплатиле грозје од претходни реколти.
Кулев ги повика лозарите да се обединат и со потпис да дадат поддршка за организирање на протестите, како израз на незадоволство од откупните цени за годинешниов род. Затоа што, како што нагласи, ако грозјето се плати поскапо, ќе живне и градот.
Претседателот на Здружението на лозари рече дека ќе си поднесе оставка, доколку не добие масовна поддршка од лозарите за протестите кои се планираат.