Во првиот меч од осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите, минхенски Баерн како гостин славеше против Пари Сен Жермен со 1:0, додека во вториот меч во вторникот вечерта Милан на својот „Сан Сиро“ со идентичен резултат го совлада лондонски Тотенхем.
ПСЖ и Баерн, пред три години играа во финалето на Лигата на шампионите во Лисабон, кога Баварците славеа исто така со 1:0, со голот на Кингсло Коман. И овојпат Баерн беше подобар со идентичен резултат а стрелец повторно беше Коман.
Баерн доминираше 80 минути, и можеше и поубедливо да го казни ПСЖ, но на крајот Баварците може да бидат среќни што домашните не успеаја да израмнат. Гостите во 90 минута останаа без Бенжамин Павар кој го заработи и вториот жолт картон. Реваншот е на 8-ми март во Минхен.
Баерн доминираше на теренот од првата минута, но немаше многу можности во првото полувреме. Баварците во првите 45 минути имаа 60 отсто посед на топка, четири корнери и девет удари, од кои само два во рамките од голот на противникот. Најблиску до водство гостите беа во 43 минута кога Џошуа Кимих шутираше од работ на шеснаесетникот, но Џанлуиџи Донарума го одбрани неговиот удар.
Францускиот шампион беше „невидлив“, безопасен и немоќен во првото полувреме. Во текот на првото полувреме ПСЖ не упати ниту еден удар во противничкиот гол, а најголема закана беше слободниот удар на Лионел Меси во 45 минута, кога од 25 метри биеше во „живиот ѕид“.
Баерн подобрата игра ја круниса со водство во 53 минута. Алфонсо Дејвис нафрли во шеснаесетникот, а топката ја пречека Кингсли Коман постигнувајќи гол со приземен удар по средината на голот. Во 62 минута се закани и Ерик Максим Чупо-Мотинг, но овојпат домашниот голман беше подготвен.
Само една минута подоцна, Чупо-Мотинг исто така ја затресе стативата по одличниот продор на Џамал Мусиала. Во продолжението од акцијата, по центаршут од корнер, Бенжамин Павар одлично шутираше, но Донарума извонредно реагираше.
Најубавата шанса ПСЖ ја имаше во 73 минута кога Килијан Мбапе ѝ побегна на германската одбрана, но неговиот удар одлично го одбрани Јан Зомер. Во 82 минута ПСЖ по брз контранапад успеа да постигне гол. Сепак, голот на Мбапе беше поништен пради офсајдот во кој се најде од задниот дел на Нуњо Мендес, која го проигра младиот француски напаѓач.
До крајот на мечот шанса имаше и Меси, но неговиот удар беше изблокиран од Павар, кој „поцрвене“ во судиското надополнување поради вториот жолт картон.
Ова беше трет последователен пораз за парискиот тим откако беше елиминиран од Купот на Франција од Марсеј (1:2) и пораз од Монако (1:3) во домашното првенство.
За одбележување е и моментот кога 16-годишниот Варен Заир-Емери до 56 минута заиграа за ПСЖ и испиша историја. Имено, Заир-Емри со 16 години и 343 дена стана најмладиот играч кој започнал натпревар во нокаут фазата од Лигата на шампионите. Младиот француски играч за врска неодамна стана најмладиот стрелец на ПСЖ во францускиот шампионат.
Во вториот меч од вечерната програма Милан со идентичен резултат го совлада Тотенхем. Решавачкиот гол го постигна Брахим Дијаз во седмата минута.
Иако „Росонерите“ седум пати беа европски шампиони, ова е нивна прва средба во нокаут фазата од Лигата на шампионите по поразот од Атлетико Мадрид во осминафиналето во 2014 година.
Милан поведе уште во седмата минута. Тео Хернандез шутираше откосо, но Фрејзер Форстер го одбрани неговиот удар. Брахим Дијаз натрча на одбиената топка а Форстер го одбрани неговиот удар, но Дијаз погоди од вториот обид за водство на Милан.
Првата шанса Тотенхме ја имаше Тотенхем во 25 минута, кога Хеунг-Мин Сон опасно нафрли о противничкиот шеснаесетник, но домашната одбрана ја елиминираше опасноста. До крајот на полувремето гостите бараа израмнување, но немаше поголеми закани по домашниот гол.
Милан можеше да го зголеми водството во 53 минута, кога Дијаз имаше уште една шанса, но неговиот удар го изблокира Клемент Ленгле. Во 78 минута се закани и Шарл Де Кетелае, убаво шутираше со глава, но не беше прецизен.
Во 82 минута можеа да погодат и Англичаните. Уфрли Иван Перишиќ од корнер, Ерик Диер шутираше, но голманот одлично го одбрани.
Реваншот е на 8 март во Лондон.
Во среда Клуб Бриж ја пречекува Бенфика, а Челзи гостува кај Борусија Дортмунд.
Следната седмица остануваат уште четири натпревари во првото коло од осминафиналето. Во вторник на 21-ви февруари ќе играат Ливерпул – Реал Мадрид и Ајнтрахт Франкфурт – Наполи, а ден подоцна РБ Лајпциг – Манчестер Сити и Интер – Порто.
Реваншите се на 7-ми и 8-ми март и на 14-ти и 15-ти март.