Ракометарите на германски Магдебург и француски ПСЖ се првите два клуба кои се пласираа на фајналфорот оваа сезона во Лигата на шампиони.
Како домаќин, Магдебург ја победи Висла Плок со 30:28 (13:13), откако првиот натпревар заврши без победник 22:22. Играч на натпреварот беше Кеј Смитс, кој постигна дури 14 гола за домашната екипа, а одлично го следеше Микаел Дамгард Нилсен, кој додаде осум.
На другата страна прв стрелец беше Марк Сергеј Косоротов кој постигна осум гола, а одличен беше и Ловро Михиќ кој постигна седум.
ПСЖ веќе во првиот натпревар направи огромен чекор кон фајналфорот. Победи на гостувањето кај Кил со 31:27, а успехот го потврди и со втората победа. Парижаните на домашен паркет победија со 32:29 (17:15).
Прв стрелец за ПСЖ беше поранешниот „вардарец“ Даинис Кристопанс со шест гола, а Лук Стајн и Петар Ненадиќ постигнаа по пет. Во германскиот тим Петер Оверби постигна пет гола.
Реваншите на преостанатите два четвртфинални средби се закажани за четврток. Киелце пред своите навивачи игра против Телеком Веспрем, а првиот меч заврши 29:29. Барселона на домашен терен игра против ГОГ Хендболд, а каталонскиот тим во првиот меч победи на гостински терен со 37:30.
Фајнл-форот ќе се одржи во Келн на 17-ти и 18-ти јуни.