Луѓето против коронавирусот, веројатно, ќе мора двапати да се вакцинираат

За да стекнат целосен имунитет, луѓето против новиот коронавирус веројатно ќе мора да се вакцинираат двапати, пишува весникот USA Today, а интервалот меѓу двете дози веројатно ќе биде околу еден месец, а можно е неколку години подоцна да биде потребна и дополнителна доза „засилувач“ (односно booster).

Научиците ширум светот работат на создавање вакцина против новиот коронавиус SARS-CoV-2, кој ја предизвикува тешката респираторна болест Covid-19, и во моментов веќе постојат извесни претстави како вакцинирањето би можело да изгледа.

Две дози се веројатни, бидејќи SARS-CoV-2 е нов вирус и никој сѐ уште нема антитела. Првата доза би требало да го подготви имунолошкиот систем и да му помогне да го препознае вирусот, а со втората би се зајакнал имуносниот одговор.

Повеќе стотици кандидати за тестирање на вакцината се во различни фази од испитувањето ширум светот, и за речиси сите се очекува дека ќе бидат во режимот од две дози, изјави Бари Блум, имунолог и професор по јавно здравје на Универзитетот Харвард.

„Колку што сум запознает, сите истакнати фармацевти разгледуваат две дози. Единствен исклучот претставува ‘Merck’, кој се надева дека ќе развие вакцина во една доза“, вели Блум.

Точното дозирање ќе биде јасно кога ќе се дознаат резултатите од клиничките испитувања на потенцијалните вакцини на луѓегот, додава Кели Мур, директорка на Имунизациската акциска коалиција (IAC), невладина организација која во соработка со американскиот национален Центар за контрола и превенција на болестите (CDC), ги дистрибуира инфорамциите за вакцините и болестите кои тие ги спречуваат.

„Одговорот ќе го имаме по испитувањата врз луѓето. Тогаш ќе го знаеме имунолошкиот одговор. Тестирањата врз животните укажуваат на тоа дека ќе бидат потребни две дози“, вели Мур.

 

Полесно со децата, потешко со возрасните

При првата доза имунолошкиот систем реагира на нешто со што сѐ уште не се сретнал. Потоа тоа го процесуира и го запаметува, развива антитела и имунолошки клетки. За тоа му се потребни околу 14 дена, велат стручњаците.

Меѓутоа, за некои патогени потребна е уште една доза, за имунолошкиот систем потполно да созрее за да ја совлада инфекцијата. Две дози се вообичаени за многу вакцини кои им се даваат на децата, како на пример, вакцината за сипаници.

Но пневмококната вакцина, којашто спречува некои форми на воспаление на белите дробовои, менингитис и сепса, се дава во четири дози. Комбинираната вакцина за тетанус, дифтерија и голема кашлица, пак, се дава во пет дози.

Ваквите вакцинирања се спроведуваат во текот на детството кога децата често одат кај педијатар и лесно е да се гарантира дека се добиваат во правилните временски интервали, односно дека се почитува имунизацискиот распоред.

Кај возрасните, пак, работите се малку покомплицирани. Вакцините против хепатитис Б, ХПВ и хепатитис А бараат серии од две или три дози, но повеќето возрасни на коишто им се потребни, често не го заокружуваат циклусот.

Протоколот за вакцинирање во две дози за целата нација бара координација и педантно водење на податоците. Државите досега осигурале децата да ги добијат сите потребни вакцини, а сега тоа ќе мора да го сторат и за голем број возрасни.

 

„Booster“

Не е познато дали еден круг од вакцинирањето ќе биде достапно. Некои вакцини, како онаа против сипаниците, создаваат доживотен имунитет. Тоа е така, бидејќи овој вирус е стабилен. Но вирусот на грипот има повеќе соеви и постојано мутира, поради што секоја година е потребно да се „осовремени“.

„Засега се чини дека SARS-CoV-2 е релативно стабилен, што укажува на тоа дека по вакцинирањето луѓето би можеле да стекнат имунитет на подолг период“, вели Блум.

Меѓутоа, имунолошкиот штит може да ослебне за неколку години. Кога станува збор за коронавирусите SARS и MERS, слични на актуелниот коронавирус, некои податоци укажуваат на тоа дека нивото на антитела со текот на временот опаднало.

Дали тоа ќе се случи и кога станува збор за SARS-CoV-2 сѐ уште не е познато. Доколку е така, неколку години по втората доза од вакцината, ќе треба и засилувач, а „тоа ќе го знаеме дури по завршувањето на испитувањата“, додава Блум.