Уругвајскиот напаѓач Луис Суарез го продолжи договорот со Интер Мајами до крајот на 2025 година, објави на својата веб-страница клубот од Големата фудбалска лига (МЛС).
„Многу сум среќен што ќе продолжам во овој клуб уште една година и што ќе можам да уживам со навивачите кои ни се како семејство. Се чувствуваме многу поврзани со нив и се надеваме дека следната година ќе им донесеме уште поголема радост“, изјави 37-годишниот Суарез кој од февруари годинава го носи дресот на Интер.
За време на неговата дебитантска сезона во МЛС, тој постигна 20 гола и додаде девет асистенции на 27 настапи, израмнувајќи се со клупскиот соиграч Лионел Меси, кој исто така постигна 20 гола во првенството.
„Луис ги донесе во Интер сите елементи што го прават еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња. Среќни сме што ќе продолжиме со нашата соработка и следната сезона“, додаде претседателот на фудбалските операции Раул Санлехи.
Потпишувањето доаѓа еден ден откако Интер го претстави Аргентинецот Хавиер Маскерано за нов тренер.
Маскерано и Суарез играа заедно во Барселона, заедно со соиграчите од Интер, Меси, Жорди Алба и Серхио Бускетс.
За време на одличната играчка кариера во која го носеше дресот на гигантите Барселона, Ајакс, Атлетико Мадрид и Ливерпул, постигна 496 голови и освои повеќе од 20 трофеи.