Луис Суарез потпиша за Интер и му се придружи на Меси во Мајами

Легендарниот уругвајски напаѓач, 36-годишниот Луис Суарез потпиша договор со Интер од Мајами, објави во петокот фудбалскиот клуб од американската МЛС лига (Major League Soccer).

Така, Уругваецот повторно ќе се здружи со поранешните соиграчи од Барселона, Лионел Меси, Серхио Бускетс и Жорди Алба, со кои шест години ја делеше соблекувалната на „Камп Ноу“, освојувајќи четири титули во европската Лига на шампионите.

„Среќен сум и возбуден што прифаќам нов предизвик со Интер. Едвај го чекам почетокот на сезоната, подготвен сум напорно да работам за да го остварам сонот за освојување на титулата со овој голем клуб“, изјави Суарез за клупската веб-страница по потпишувањето договор кој има важност до крајот на 2024 година.

Уругвајскиот репрезентативец доаѓа во Мајами од бразилскиот Гремио, каде постигна 26 гола и забележа 17 асистенции во сите натпреварувања, со што го предводеше тимот до два трофеа оваа година.

Суарез и Меси беа дел од познатото напаѓачко трио на Барса, заедно со бразилскиот напаѓач Нејмар, кои доминираа во Шпанија и Европа во 2014/15 година кога ја освоија Ла Лига, Купот на кралот и Лигата на шампионите.

Во текот на кариерата играше и за Национал, Гронинген, Ајакс, Ливерпул и Атлетико Мадрид. Севкупно, тој постигна повеќе од 500 голови во седниорска конкуренција за клубовите за кои настапуваше и за селекцијата на Уругвај во кариерата која трае речиси две децении. За репрезентацијата забележа 138 настапи и постигна рекордни 68 голови.

„Среќни сме што играч со квалитет и страст за играта кои ги поседува Луис се приклучи на нашиот клуб. Тој се приклучува на тимот што ја инспирира следната генерација и со нетрпение очекуваме да го видиме на теренот со поранешните соиграчи и младите играчи од нашата Академија“, изјави косопственикот на Интер, прославениот поранешен англиски напаѓач Дејвид Бекам.

„Луис е извонреден напаѓач со искуство на највисоките нивоа во спортот“, додаде спортскиот директор Крис Хендерсон.

Интер Мајами, по доаѓањето на Меси во 2023 година го освои Лига купот, што е првиот трофеј за клубот од неговото формирање пред три години, но не се квалификуваше за плејофот на МЛС Купот.