На првата официјална конференција по повод 35. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ – Битола најавено едека фестивалот годинава ќе се одржи од 13 до 19 септември, а добитник на специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, чиј последен проект „Големата убавина“ (La grande bellezza), го освои Оскарот во категоријата најдобар филм од неанглиско јазично подрачје, а победи во истоимената категорија на наградата БАФТА и на Златниот глобус.
„Лука Бигаци е добитник кој е достоен на годинашниот јубилеј. Трите децении кариера го прават водечки светски кинематографер. За нас е особено важно што „Браќа Манаки“ на своевиден начин беше меѓу првите фестивали што го откри талентот на Бигаци, уште во далечната 1997 година, со неговиот прв филм во официјалната програма на 18-тото издание. Оттогаш неговите филмови впишаа сè на сè пет учества и понесоа две од наградите во Битола. Третиот пат конечно доаѓа лично да си ја земе големата специјална Златна камера 300 на браќата Манаки,“ рече Лабина Митевска, директорка на ИФФК.
Големото светско име Бигаци е роден 1958 во Милано и спаѓа меѓу најактивните и најбараните кинематографери од страна на италијанските режисери. За тоа говорат освоените 20 врвни италијански и светски награди како и дваесеттината номинации. Од неговите осумдесетина филмови се одделува ремек-делото „Големата убавина“ кој е
тандемска креација со режисерот Паоло Сорентино, со кого четврти пат ставаат заеднички потпис.
Сепак Бигаци најмногу филмови, повеќе од десет, има снимено со Силвио Солдини.Други режисери кои имале чест да биде зад нивните камерите се Марио Мартоне, Џани Амелио, Феличе Фарина, Микеле Плачидо, Франческа Аркибуги, како и еден од најголемите режисери на денешницата, Абас Кјаростами, во филмот „Верна копија“ со
Жулиет Бинош во главната улога.
Инаку, фестивалот целосно ќе биде во знакот на годинашниот јубилеј, при што слоганот „Кон ѕвездите“ е одраз на поводот и копнежот на организаторите.
„Идејата за слоганот дојде од фактот што во изминатите години донесовме голем број сјајни имиња од светот на филмот: кинематографери, актери, режисери, сценаристи, така што публиката веќе самата го асоцира фестивалот со ѕвезденото небо на уметноста. Ние продолжуваме да им оддаваме почит на големите имиња, на величините, мечтаејќи дека еден ден ќе стигнеме до најдалечните ѕвезди,“додаде Лабина Митевска.