Лукаревска: Кај граѓанската обврзница каматата ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките

Новата граѓанска обврзница, којашто жестоко ја критикуваше опозицијата,  е нов финансиски инструмент за да може да ги зајакне економските текови во државата и ќе им помогне значително на граѓаните, тврдеше директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска во гостувањето во „Трилинг“ на ТВ 24.

Додаде дека оваа мерка е предвидена во планот за забрзан раст, но воедно граѓанската обврзница е предвидена и за буџетот за 2023 година.

„Условите се веќе познати, тоа се рочност во период од две години, минималниот износ да е десет илјади денари и во буџетот ќе можат да се инкасираат околу 50 милиони евра“, рече Лукаревска.

Уверува дека каматата ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска доколку државата се задолжи во странство.

„Државата добива слевање на приходи во рамки на буџетот, но тоа не значи дека сме имале слаба наплата или билдаме одредени други празни дупки. Ова е една олеснителна околност, а секако по првото испорачување ќе видиме каков ќе биде ефектот“, рече Лукаревска.