Лукаревска заменик на Заев, а Филипче, Битиќи и Спасовски потпретседатели на СДСМ?

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, најверојатно ќе биде заменик на претседателот на СДСМ Зоран Заев во новото раководство на партијата кое ќе биде избрано по одржувањето на Конгресот закажан за недела односно за 16 мај. Извори на „Фактор“ од партијата потврдуваат дека Лукаревска ќе ја замени досегашната заменичка Радмила Шекеринска, која најави дека нема да се кандидира за раководна позиција во партијата. Таа всушност ќе се повлече од сите функции во оваа партија.

Според изворите на порталот, ќе има промени и меѓу потпретседателите. За овие позиции засега како најсигурен избор се министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој и сега ја извршува оваа функција, но и министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Потпретседателска функција веќе нема да има Мухамед Зекири, актуелниот генерален секретар на Владата, а не е сигурен изборот за оваа позиција ниту на актуелната партиска потпретседателка и министер за образование Мила Царовска.