Белоруски војници не учествуваат во руската операција во Украина, изјави претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, но дека може да бидат испратени во Донбас доколку има потреба за заштита на цивилното населени.
Лукашенко притоа изјавил дека од рускиот претседател Владимир Путин добил уверување дека евентуален напад врз Белорусија ќе биде сметан и како напад врз Русија.
Путин рано утринава соопшти дека донел одлука Русија да започне специјална воена операција во Донбас.
Украинската армија денеска соопшти дека соборила пет руски авиони и еден хеликоптер во областа Луганск, што Русија го негира. Амбасадорите на НАТО утрово ќе одржат итна седница, изјави за Ројтерс неименуван претставник на Северноатлантската алијанса, откако Русија ја нападна Украина.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг побара од Русија веднаш да ја прекине воената акција и да го почитува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Најмалку осум лица загинаа, а девет се ранети при руското гранатирање во Украина, изјави советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, во моментот кога од Киев пристигнуваат информации дека се евакуираат голем број граѓани.
Бројни приватни возила го напуштаат главниот град на Украина, Киев, додека во градот се слушаат експлозии.