Белорускиот претседател Александр Лукашенко изјави во средата дека ќе разговара со рускиот колега по должност Владимир Путин по изјавите од Варшава за случаите во кои полската војска би се вклучила во воениот судир во Украина со Русија.
Полскиот амбасадор во Франција, Јан Емерик Росчишевски во понеделникот во разговор за телевизискиот канал LCI изјави дека „доколку Украина не успее да ја одбрани својата независност, нема да имаме избор, ќе мораме да влеземе во конфликт“. Амбасадата на Полска во Париз потоа издаде соопштение во кое се наведува дека некои медиуми зборовите на амбасадорот ги протолкувале „надвор од контекстот“.
Изјавата на Росчишевски, инаку, дојде ден пред во Полска да биде инаугуриран првиот американски постојан гарнизон во кој ќе бидат распоредени повеќе од 10.000 американски војници. Притоа, амбасадорот на САД во Варшава, Марк Брзежински изјави дека американските војници се „тука за да останеме“ и дека тоа ја покажува сплотеноста на западните сојузници „наспроти руската агресија“.
„Тие немаат сопирачки. Си спомнувате на изјавата на амбасадорот…. дека доколку тие, Полјаците, загубат или ќе губат во Украина, тогаш тие ќе војуваат… Полјаците се веќе заморни од сѐ, таму заседнаа Американците, никаков суверенитет и независност, што и да кажат Американците, тоа тие и го прават. ‘Ќе војуваме против Русија…. Сметајте, ќе почнат со нас. Што треба да правиме? Со Путин ќе обрнеме внимание на ова… Првото прашање за коешто ќе разговарам со Путин е како да ги поставиме на нивното место“, изјавил за новинарите Лукашенко.
Белорусија и Русија имаат Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) потпишан на 8-ми декември 1999 година. На тоа претходеше формирањето на Заедницата на Белорусија и Русија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија, со крајна цел создавање заеднички државен сојуз. Според Договорот за Унијата, секоја држава останува суверена, но на граѓаните на другата држава им дава право на престој и државјанство. Унијата промовира економска интеграција, но пред две децении пропаднаа обидите за воспоставување заедничка валута. Потписничките се должни и една на друга да ѝ помогнат во случај на напад од трета земја.
Според овој договор, активна е обврската за формирање заедничка регионална борбена групација. Во Белорусија до 15.000 руски војници изведуваат заеднички маневри со белоруските единици на територијата на земјата. Истакна дека, според претходниот договор со Путин, доколку дојде до воена агресија врз неговата земја, тие сили заедно ќе дејствуваат во одбраната заедно со белоруските трупи.
На почетокот од февруари државниот секретар на Унијата, Дмитриј Мезенцев објави дека во 2023 година Москва и Минск ќе започнат со спроведувањето на три заеднички програми во областа на одбраната и безбедноста. Тие беа развиени „под притисокот“ на Западот и влошувањето на „воено-политичката“ ситуација во Источна Европа, додаде тогаш Мезенцев.