Лукашенко извести за апсење украински диверзанти и планови на белоруската опозиција со Западот за присоединување територии на Русија

Диверзантската група уапсена на границата меѓу Белорусија и Украина префрлувала експлозиви кои требало да бидат искористени за изведување саботажи и терористички акции на руска територија, изјави во петокот белорускиот претседател Александр Лукашенко според кого белоруската опозиција прави планови со западните разузнавачки служби во случај Русија да биде поразена во војната во Украина.

„Тукушто денеска неколку диверзанти беа уапсени на украинската граница. Со помош на дронови, некои украинските државјани ползат низ мочуриштата до нашата граница и префрлуваат експлозиви за изведување диверзии на териториите, во прв ред на Русија, како и на Украина“, изјави Лукашенко.

Видео од операцијата е емитуван на каналот на Telegram близок на белорускиот претседател.

„Штотуку заврши безбедносната операција за апсење на диверзантите. Сите се приведени, а меѓу нив има и Белоруси“, истана Лукашенко додавајќи дека вакви инциденти се случуваат „практично два-три пати седмично“.

Во четвртокот белоруските медиуми објавија, без наведување поединости, дека областа Лелчици во регионот Гомел, кон границата со Украина е воведен режим на антитерористичка операција, а подоцна во текот на денот објавија и дека таквиот режим е укинат.

Лукашенко во петокот, исто така, посочи дека белоруската опозиција води преговори со Западот за присоединување кон Белорусија на некои западни области на Русија, доколку неуспешно заврши нејзината воена кампања во Украина.

„Денес сите на Западот тоа го посакуваат, а нашите избегани Белоруси се предводници во однос на Белорусија, во однос на пораз на Русија во војната со Украина“, го цитира Лукашенко службената новинска агенција БелТА.

Истовремено Лукашенко наведува извадок од преговорите меѓу белоруски дисиденти во странство и поедини лица од Западот, добиен по разузнавачки канали.

„Полска има право на западните области на Белорусија. А во случај на пораз на Русија, Белорусија ќе се зголеми за сметка на западните области на Русија“, цитира Лукашенко и посочува дека тоа треба „да се чита“ како „Нам ќе ни го отсечат Смоленск, Брјанск а можеби и регионот на Псков.. А Западна Белорусија до Минск ние мораме да ја предадеме на Полса, како што знаете, таму постоела граница“, додаде белорускиот челник.

Лукашенко истакна дека белоруските власти не можат да се согласат со тоа, и порача дека Белорусите ќе се борат до последен за своите земји.

„Кој од вас може да се согласи со ова? Можеби некои можат, но јас во никој случај не. Ќе се бориме до последен за нашата земја. Освен тоа, никому не правиме проблеми. Никому ништо не должиме Ние немаме претензии за Вилна, ниту за Бјалисточина, ниту за руски, ниту за украински земји. Тоа што историски го имаме ни е доволно“, рече Лукашенко.

Според него, при ваква ситуација со плановите на Западот, Белорусија не може да си дозволи да биде спокојна и предупреди не смее да има опуштање, инаку може да се изгуби државата.

„И за нас, за мене како претседател, и за власта, пред сѐ, многу е важна поддршката и монолитноста на сите нас и на нашиот народ.

„ Ако некој мисли дека ќе биде подобро таму кога ќе нѐ поделат и нѐ однесат некаде на делови, се лаже… Доколку беше така добро, во 1920-те и 1930-те (кога делови од Белорусија биле окупирани од Полска), немаше да се бориме за нашата независност“, додаде Лукашенко.